Одбојкарките се подготвуваат за нови предизвици, селекторот Пауновиќ: Од турнир до турнир играме сè подобро, имаме одлична атмосфера!

ФОТО: ОФМ

Последниот турнир во ЦЕВ Европската Сребрена лига 2025 македонската женската одбојкарска репрезентација го игра овој викенд односно од 13 до 15 јуни и тоа повторно во Струмица, бидејќи Израл требаше да биде организатор на истиот, па со тоа Македонија ќе биде формален гостин.

Нашите одбојкарки досега одиграа четири натпревари со учинок од две победи над Луксембург и Фарски Острови и два порази од фаворитите Швајцарија и Австрија. Овој викенд во Струмица македонската репрезентација ќе игра со Израел и Грузија.

Селекторот Стефан Пауновиќ вели дека од турнир до турнир нашата репрезентација игра сè подобро, а притоа додаде дека има одлична атмосфера.

„До оваа година немавме освоено сет, а сега имаме две победи по четири одиграни натпревари и задоволен сум. Од турнир во турнир играме сè подобро и навистина ме радува што растеме како екипа. Многупати потенцирав дека имаме одлична атмосфера, девојките имаат убава енергија надвор од теренот, а истата ја пренесуваат во игра и си се поддршка една на друга, што многу значи во полето. Во пресрет на последниот турнир работиме на корекција на некои работи кои се покажаа како проблем и не беа добри во нашата игра. Се надевам дека ќе ги поправиме и во најдобро светло ќе се покажеме на последниот турнир во годинешното издание“, вели селекторот Стефан Пауновиќ.

Македонија игра во петок од 19 часот против Израел, во сабота ќе се соочиме со Грузија, исто така од 19 часот, со што ќе се заокружи настапот во годинешното издание од Сребрената лига.

Александар Ванев, М-Нет