
Бојан Миовски ја заврши својата прва сезона во Ла Лига со Жирона, сезона што му донесе и големи предизвици, но и исполнување на неколку соништа. Од момче што играло футсал во Штип, до напаѓач во Лигата на шампионите и водечки играч во македонската репрезентација – за Миовски тоа е доказ дека напорната работа се исплаќа, вели во разговор за rg.org.
Сепак, неговото деби во елитната шпанска лига не беше лесно. По трансферот од Абердин, каде беше најдобар стрелец и миленик на навивачите, во Жирона се соочи со многу пречки. Не доби целосна предсезонска подготовка, бидејќи преговорите околу трансферот се оддолжија, а тоа влијаеше врз неговата физичка подготвеност и адаптација во тимот.
Иако очекуваше тимот да создава многу шанси, сезонава Жирона играше поспоро, со помалку напаѓачки интензитет, што негативно се одрази и на Миовски. Тој постигна само 4 гола во 22 настапи и речиси не играше од март до крајот на сезоната, иако беше здрав и мотивиран. Сепак, не се жали – вели дека самодовербата му е силна и не дозволува критиките да го поколебаат.
На прашањето зошто не добил повеќе минути по репрезентативната пауза, Миовски искрено одговара дека не добил објаснување, но ја почитува одлуката на тренерот Мичел, со кого има коректна релација.
Посебно место во неговото срце има Абердин – клубот што му ја отвори вратата кон повисоко ниво. Вели дека таму се чувствувал сакан и ценет, а навивачите сè уште му испраќаат пораки. Иако жали што не освоил трофеј со нив, искрено се радува што тие го освоија Купот на Шкотска. Не ја исклучува можноста повторно да го носи нивниот дрес еден ден – со цел конечно да освои трофеј со клубот што му значи многу, вели за rg.org.
Што се однесува до иднината, Миовски има уште три години договор со Жирона. Неговиот фокус сега е на подобрување и постигнување повеќе голови следната сезона, но не ја исклучува можноста за нов трансфер ако клубот одлучи поинаку. За него, најважно е да игра, да напредува и да биде дел од проект што му одговара.
Александар Ванев, М-Нет