Одбојкарите на Штип УГД првиот европски меч го играат во Норвешка, реваншот ќе се игра во Радовиш

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Одбојкарскиот клуб Штип УГД е подготвен за деби настапот во Европа, штипските одбојкари европската авантура ја започнуваат со првиот меч кој е закажан за 12 ноември во Осло, Норвешка против тимот на Кол ИЛ, натпревар кој се игра со почеток од 19 часот.

Реваншот на Штип УГД против норвешкиот тим е закажан за 19 ноември, а штипјани како домаќини ќе играат во СРЦ „25 Мај“ во Радовиш, исто така со почеток од 19 часот.

За освојувачот на Купот на Македонија ова ќе биде дебитирање на европската сцена, бидејќи по првпат штипскиот клуб ќе заигра во Европа.

Екипата на Наковски Волеј своето деби во Европа ќе го има на 29 октомври против чешкиот тим ТЈ Острава, а пак реваншот е закажан за 5 ноември во Струмица.

Екипата на Работнички Скопје ќе биде единствениот тим кој двата натпревари ќе ги одигра во гости односно во Естонија. Скопскиот тим ќе игра против РАЕ Спортдикол на 4 ноември во улогата на формален домаќин, а пак вториот дуел се игра ден подоцна, во истиот термин од 18 часот.

Ова значи дека два од три македонски претставници ќе дебитираат на европската одбојкарска сцена, во третото по квалитет европско клупско натпреварување Џелинџ Купот.

Александар Ванев, М-Нет