Одбојкарите на Штип УГД во салата „Јордан Мијалков“ заедно со публиката и навивачите ја прославија Куп титулата, а потоа го совладаа Универзитет Тетово

ФОТО: М Нет телевизија

Штип УГД испиша уште една историја откако ја одбрани Куп титулата, а сега оди во поход по нова историја, освојување на двојната круна, односно титулата и од првенството.

Синоќа во салата „Јордан Мијалков“ одбојкарите на Штип УГД заедно со публиката, навивачите и поддржувачите ја прославија Куп титулата која беше освоена во Радовиш, кога во големото финале од Купот на Македонија екипана на Штип УГД со 3-0 во сетови ја доби Струмица и така стигна до втората во низа Куп титула во својата историја.

Инаку, синоќа штипјани во спортската сала „Јордан Мијалков“ со 3-0 во сетови го добија Универзитет Тетово во рамки на полуфиналната серија во Првата одбојкарска лига на Македонија.

Првиот сет заврши со 25:14, вториот со 25:20, а третиот сет со 25:21 и така Штип УГД поведува со 1-0 во полуфиналната серија.

Повеќе од сигурно е дека Штип УГД ќе се најде во големото финале и во завршницата од Првата одбојкарска лига каде одново против Струмица ќе се води борбата за титулата во македонскиот шампионат.

Александар Ванев, М-Нет