
Со симболичен настап на најмалите, дечињата од градинката Вера Циривири Трена во Штип, и положување на свежо цвеќе од делегации од локалната самоуправа во Штип, политички партии, здруженија на борци и пензионери се одбележа 77 годишнината од смртта на Вера Циривири Трена во Штип,
„Вера Циривири Трена станала истакнат борец и раководител. Револуционерната дејност ја обавувала непоклебливо и успешно секаде каде што имало потреба од тоа. Така во најтешките моменти за Штип, кога бснеела бугарската полиција и го истурала бесот врз недолжниот народ блеснува ликот на Вера Циривири Трена.“, истакна Петар Мицевски, Претседател на Здружението на борци.
Вера Циривири Трена се залагала за младите, девојките и жените во борбата против окупаторот и токму затоа на 15 јули била убиена.
„Во тие кобни, рани утрински часови, на 15 јули 1944 година, во куќата на поп Јорданови, Вера Циривири Трена се најде опколена од бугарската полиција и во обид да го прескокне ѕидот на соседната куќа на Анариеви смртно беше погодена од непријателските куршми. Нејзиното загинување бугарските фашистички власти го прогласија за свој голем триумф, бидејќи беа сигурни дека убија голем револуционер.“, дополни Мицевски.
На настанот се оддаде и почит со едноминутно молчење пред бистата на Вера Циривири Трена во истоимената градинка во Штип.
Лаура Стојанова МНет