
Обвинителниот акт за пожарот во Кочани – одобрен во целост.
Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по обвинението, поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по исполнување на сите законски предвидени услови, донесе Решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост.
„Со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, беше исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор беа заменети, па во моментот на достава Претседателот на советот за оцена имаше пречки за да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата. Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта.“ – велат од кривичен.
Дополнителен проблем при доставата се јави поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред истиот да биде до уреден, не беа целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд.
Но, и покрај сето тоа, судот во целост ја имаше предвид сензибилноста на постапката, јавниот интерес и пред сè чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на починатите во пожарот. Токму поради тоа, се обиде на најефикасен начин да ги исполни сите законски обврски и да го оцени актот во предвидениот законски рок.
Советот за оценка донесе Решение на 03.10.2025 година со кое го одобри обвинителен акт во целост, по што се оформи кривичен предмет.
Предметот е распределен кај надлежен судија за понатамошно постапување, а за сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, странките и јавноста ќе бидат известени.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет