Обвинетите за трагедијата во Пулс не се изјаснија за вина бидејќи не го добиле интегрираното обвинение

Од утринава во дигиталната судница во Идризово продолжи судењето за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани. Но адвокатите го оспорија фактот дека до обвинетите не е доставено пречистено интегрирано обвинение, туку само до адвокатите. Во тој случај тие не знаат за што се во судница и не можат да се изјаснат дали се виновни или не, велат адвокатите.

„Ние постојано тврдиме, а денес тоа се и покажа дека обвинителството прави грешки и ја одолговлекува постапката. Што се случи деенска, прво големо прашање е дали е изменето или обвинението“ – вели Давидовиќ.

„Однесувањето на обвинителството е несериозно кон Судот и кон семејствата, кон одбраната и кон обвинетите лица. Ако дозволиме било што да помине ние нема да дојдеме до правда“ – вели Шилегов.

Родителите на починатите деца и по осум месеци чекаат правда, бараат виновниците со име и презиме да одговараат за најголемата трагедија во државата во која загинаа 63 лица. Велат дека по првото рочиште имало мала надеж кај нив, и очекуваат судењето да продолжи праведно и фер.

„Се надевам дека судијката која го води судскиот процес ќе продолжи и понатаму исто како и на првото рочиште, праведно и фер. Повеќе од осум месеци ние родителите на починатите деца живееме во агонија и кај мене кога заврши првото рочиште се појави една искра на надеж, а причина за таа надеж е судијката и воведниот дел на обвинителите“ – вели мајка на починато дете.

Судот на денешното рочиште им дозволи обвинетите прво да го добијат обвинението па потоа да продолжат со расправата за изјанување за вина.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет