Нов топлотен бран во државата, Владата со мерки за заштита

Владата донесе нови мерки со кои одредени групи на граѓани се ослободуваат од работа во периодот од среда до недела заради високите температури и протокаловата фаза за опасност од истите. Согласно ова, во наредните четири дена важат следниве препораки од страна на Владата:

1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години;

2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;

3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници;

4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Од Министерството за здравство апелираат на почитување на веќе познатите мерки, односно да не се излегува на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да се консумира полесна храна и многу течности.

Овие препораки важат до недела, а за понатаму ќе се одлучува дополнително.

Лаура Стојанова МНет