
Нов модерен пазар ќе добие Општина Лозово. Ова е еден во низата проекти кои треба да се реализираат во наредниот период, односно во градежната сезона. Градоначаникот, Бошко Цветковски, вели дека сегашниот импровизиран пазар ќе биде заменет со пазар кој ќе биде еден од најубавите во регионот. Додава дека во наредниот период ќе се работи на повеќе од 20 улици, ќе се уредува општината и околните населени места, со што истакна дека градежната сезона е отворена.
„Во моментот работиме во интерес на граѓаните, работиме канализациона мрежа во населено место Ѓоземелци со пречистителна станица. Сезоната на градба е отпочната, во периодот понатаму ќе следуваат изградба на 23 улици, ќе започнеме со прва фаза изградба на затворен пазар кој ќе биде еден од најубавите во овој регион и на тој начин земјоделците од нашата општина ќе може да ги понудат своите производи на големо и на мало. Ќе биде направено партерно уредување во село Каратманово, во целост ќе биде променета мрежата на осветлување, односно веќе постоечките светилки ќе бидат заменети со лед светилки и трајно ќе го решиме овој проблем“ – вели Цветковски.
Дел од финасиските средства се обезбедуваат целосно од Буџетот на Општина Лозово, за друг дел од проектите Општината учествува со кофинансирање.
„Во моментот бараме извори на финансирање во кои Општината има свое учество, односно кофинансирање, а дел од проектите ќе бидат изградени само од Буџетот на Општина Лозово“ – додава Цветковски.
Предизборните проекти кои им се ветени на граѓаните во Општина Лозово ќе бидат реализирани, дециден е Цветковски. Додава дека се работи во интерес на граѓаните и за подобрување на животот во Лозово.
Лаура Стојанова М-Нет