Нови 20 паркинг места ќе има кај стариот здравен дом во Штип, во центарот ќе се градат паркинзи на неколку нивоа

Се уредува површината пред стариот здравен дом во Штип. Согласно програмата на Локалната самоуправа овде треба да се обезбедат околу 20 нови паркинг места кои ќе може да се користат од граѓаните кои живеат во ценатрот, но и сите останати. По уредување на паркинг површината, паркинг местата ќе бидат дел од програмата на ЈП Стипион и истите ќе се наплаќаат. Општината за ова уредување издвои 700 илјади денари пари од општинскиот Буџет.

„Се наоѓаме во зградата на стариот здравствен дом, веднаш позади гимназијата Славчо Стојменски. Заради потребата од повеќе паркинг места овде се започнати активности за уредување на површината, платото пред старата града на здравствениот дом. Овде ќе се обезбедат повеќе од 20 паркинг места кои дополнително ЈП Стипион ќе ги стави во програмата за наплата на паркинг површини. Некаде околу 700 илјади денари се инвестирани од Буџетот на Општина Штип за да се уреди ова плато и да биде јавно достапно.“ – вели Јорданов.

Јорданов посочи дека во наредниот период се разгледува можноста во центарот на градот да се изградат паркинзи на две и три нивоа кои ќе бидат достапни за граѓаните. На тој начин ќе се решава проблемот со паркинг местата во централното градско подрачје.

„Сите оние коишто го користат централното градско подрачје да имаат повеќе паркинг места кој од ден на ден е се поголема потреба. Во таа насока како Локална самоуправа размислуваме во наредниот период да се проектираат неколку решенија за дополнителни паркинзи на две или три нивоа во центарот на градот“ – додава Јорданов.

Изминатиот период на територија на Општина Штип, во повеќе населени места, на јавни површини и пред станбени згради се уредуваа простори кои се наменети за паркирање. Истите се достапни за граѓани, со цел да се стави крај на проблемот со наоѓањето слободно паркинг место.

Лаура Стојанова М-Нет