Нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози, нема опасност за луѓето велат од АХВ

Од почетокот на месец јули 2026 година на територијата на Република Северна Македонија потврдени се вкупно 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози, соопшти АХВ.

Болеста, според надлежните е потврдена во одгледувалишта во населеното место Саса, општина Македонска Каменица, село Соколарци, општина Чешиново – Облешево, село Бигла, општина Делчево, села Малино и Косевица, општина Свети Николе и село Сопот, општина Куманово. Притоа, вкупниот број на жаришта на територијата на Република Северна Македонија од првото потврдено жариште кон крајот на месец јануари 2026 година во село Лопате, општина Куманово до денес изнесува изнесува 17 со вкупно над 2.700 животни. Болеста е потврдена во 15 одгледувалишта на овци и 2 одгледувалишта на овци и кози.

По добивањето на согласност за локација за закопување на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со депопулација на животните во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе. До сега Агенцијата, соопштија од таму, изврши депопулација (убивање на животните во одгледувалиштата) на над 1.400 животни, а во текот на вчерашниот ден Агенцијата спроведе депопулација на одгледувалиштето во с. Сопот, општина Куманово со примена на механички метод за евтаназија на животните.

Во текот на вчерашниот ден Агенцијата за храна и ветеринарство одржа работна средба со претставници на здруженија на одгледувачи на овци и сојузот на одгледувачи на овци на Македонија со цел запознавање на моменталната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овци и кози во Македонија, моменталните проблеми со кои се соочуваат одгледувачите на овци, како и презентирање на мерките кои се превземаат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на справувањето со болеста сипаници кај овци и кози.

Дополнително, претставниците беа запознати со биосигурносните мерки кои треба да бидат превземени од сточарите во однос на своите стада и одгледувалиштата во нивната непосредна близина, како и споделување на печатени материјали за сточарите со цел подигнување на свеста за болеста и начинот на брзо информирање во однос на истата од страна на сточарите до Агенцијата, ветеринарните друштва односно официјалните ветеринари со цел навремено реагирање во справувањето на болеста.

Текстот Нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози, нема опасност за луѓето велат од АХВ е превземен од МАКФАКС.