Новите донирани машини за чистење снег пристигнаа во ЈП „Исар“, се очекуваат уште три

Двете модерни машини за чистење снег од тротоарите се веќе во ЈП „Исар“, а ќе пристигнат уште три. По донацијата на две вакви машини, кои веќе се на располагање на нивните потреби, во следниот период ќе пристигнат уште три. Машините се донација од наш сограѓанин, Марјан Попадинов, во соработка со хуманитарната организација „Подај рака, спаси живот“. Како што истакна директорот, Трајче Здравков, и покрај долговите, успеваат да ја обезбедат потребната опрема.

„Во текот на вчерашниот ден обезбедивме донација – две машини за чистење снег, така што машините веќе се впишани во јавното претпријатие и истите се сервисирање, а ќе се стават во функција кога ќе има потреба. Истите машинки за чистење снег се за чистење тротоарски површини и пробивање патишта во селски површини. Сѐ повеќе и повеќе се екипираме со механизација и сме спремни да одговориме на барањата на нашите сограѓани. Сакам да најавам дека и во наредниот период ќе пристигнат уште три вакви чистачки на снег, така што во следниот период кога ќе имаме врнежи од снег, ќе бидеме подготвени да одговориме на потребите на граѓаните“, истакна Здравков.

Со пристигнатите две машини ЈП „Исар“ ќе може да го покрие централното градско подрачје, со останатите три ќе одговори на потребите на сите населби низ Штип. Една ваква машина е по набавна цена од 4.500 евра, што значи дека сите пет се во вредност од 22.500 евра. За потребите на јавното претпријатие преку истиот канал ќе се обезбедат и други машини за извршување на работните задачи.

„Ова е донација од наш сограѓанин којшто живее и работи во Швајцарија, Марјан Попадинов, и хуманитарната организација „Подај рака, спаси живот“. Со нив сме во постојана комуникација и преку истите канали во наредниот период ќе обезбедиме и други машини за работата којашто ни е потребна“, додаде Здравков.

Со подобрувањето на временските услови екипите од ЈП „Исар“ ќе ги интензивираат активностите. Ќе се работи во ЗОО паркот „Бриони“ на нови живеалишта и преадаптација на старите, како и во паркот во населба Сењак, кој треба да биде готов во месец март.

Ребека Спасова М-Нет