
Делчево ќе добие нова градинка во населбата Расадник со капацитет од 130 дечиња. Договорот за реализација на овој проект денеска го потпишаа министерката Тренчевска, градоначалникот Трајковски и изведувачот. Како што истакна Тренчевска, предвидено е да има шест групи со деца на возраст од 2 до 5 години и две јаслени групи.
„Новоизградениот објект организациски и функционално ќе биде дел од постоечката градинка „Весели цветови“, но ќе обезбеди независност во своето функционирање и вршење на својата основна дејност согласно со Законот за детска заштита. Станува збор за изградба на современа градинка, која ќе биде ефикасна, како во поглед на енергетските трошоци и нејзиното одржување, така и во поглед на извршување на нејзината функција, а тоа е дека ќе обезбеди соодветен безбеден простор за престој на децата, каде ќе учат и ќе развиваат нови животни вештини.
За градоначалникот Трајковски ова ќе значи намалување на листата на чекање за згрижување во детска градинка. Тој изрази благодарност за досегашната соработка со Министерството за труд и социјална политика и по тој повод на министерката Тренчевска ѝ додели плакета.
„Решаваме горлив проблем за граѓаните на Делчево, односно ние имавме во изминатите години листа на чекање на дечиња, а со реализацијата на овој капитален проект за Делчево, овој горлив проблем ќе го надминеме и ќе можат сите дечиња да бидат згрижени во детската градинка, а од друга страна, нивните родители слободно да ги завршуваат своите работни обврски. Ова е современ објект по сите стандарди којшто ќе го краси нашето убаво Делчево“
Изградбата е дел од владината Програма за изградба, опремување и одржување на објекти од детска заштита за 2023 година. Проектот е во времетрање од две години во вредност од 60 милиони денари, во најголем дел средства од Министерството, а во помал дел и од Општина Делчево.
Ребека Спасова М-Нет