
Ниту една поднесена листа на независни кандидати за градоначалник и советници нема во подрачната единица на ДИК во Штип. Како што велат од таму, има најави, но се уште официјално нема поднесено ниту една листа. Во меѓувреме непречено тече увидот во избирачкиот список, но досега нема промени што значи дека списокот е ажурен.
Од 23 август до 11 септември до 00.00 часот Избирачкиот список ќе биде ставен на јавен увид во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК (кои ќе работат во две смени) каде што граѓаните ќе може да ги проверат своите податоци. Избирачкиот список ќе биде заклучен најдоцна 15 дена по завршување на јавниот увид односно 26 септември.
Локалните избори ќе се спроведат на 19 октомври годинава прв круг и на 2 ноември втор круг, а ќе се гласа во 80 општини и градот Скопје.
До 13 септември до 24 часот е рокот до кога ќе може да се поднесуваат листите на кандидати на учесници на изборите до општинските изборни комисии. Жрепката за редни броеви на гласачко ливче ДИК ќе ја организира најдоцна до 25 септември. Најдоцна до 16 октомври, односно три дена пред изборите, сите подносители на листи со потврдени кандидати имаат право да достават предлози за овластени претставници односно набљудувачи на изборите до изборните органи – до ОИК и за набљудување на денот на гласање за избирачките одбори.
Најдоцна до 27 септември ќе се потпише Кодексот за фер и демократски избори.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет