
Нема договор сè уште меѓу градоначалникот на Општина Штип, Јорданов, и сопствениците на т.н. „печурки“. Вчеравечер се одржа првата средба во просториите на Општината на која се разговараше за можните алтернативни решенија за надминување на проблемот со „печурките“. Локалната самоуправа со свои предлози, сопствениците со нивни. Но заеднички компромис не беше пронајден, па според Јорданов ова е почеток на разговорите, ќе се дискутира и понатаму сè додека не се најде решение.
„Како што најавивме, веќе започнавме со разговори со сопствениците на т.н. „печурки“, времените објекти коишто повеќе години се лоцирани на една локација, којашто планираме во наредниот период да ја обновиме и урбанизираме. Нормално дека ова е почеток на разговорите, ќе ги разгледаме сите можности и опции за тоа како ги изгледал целиот тој простор и каде да бидат сместени сопствениците на оние времени објекти коишто моментално егзистираат таму. Дефинитивно, сите времени објекти коишто не функционираат, ќе бидат отстранети, ќе биде ослободена постоечката локација од тие времени објекти коишто не функционираат. Тие коишто егзистираат таму, остваруваат профит, ќе бидат оставени. Нормално, во заеднички разговор и во согласност со сопствениците на тие објекти ќе најдеме решение. Ова е почеток на разговорите. Во наредниот период ние како Општина ќе понудиме идејно решение, но ќе оставиме и сопствениците да ни понудат нам решение“, истакна Јорданов.
Средбата, според Јорданов, беше конструктивна. Сите инволвирани страни имаа можност да ги кажат своите ставови и видувања во врска со решавање на проблемот.
„Конструктивна средба беше, нормално дека ќе има луѓе кои ќе бидат задоволни и луѓе кои нема да бидат задоволни. Секогаш кога се преговара и разговара тоа е нормално. Сепак, ова го правиме во интерес на сите граѓани. Не е наша цел да ги оставиме луѓето без работа, целта е да бидат тие задоволни, но и околните жители на населбата Автокоманда. Разговорите течат, сè уште ништо не е дефинирано, но имаме појдовна точка, така што на следен состанок може да прецизираме и конкретизираме како ќе изгледа просторот“, додаде Јорданов.
Просторот наречен „печурки“ во Штип е стар повеќе од три децении, а овде се наоѓаат објекти кои функционираат и од кои се егзистира, но истовремено и објекти кои подолго време се затворени. Сите се привремени и се наоѓаат на јавна површина. Според Јорданов, решение треба да се изнајде во полза и на двете страни, и на Локалната самоуправа и на сопствениците на објектите.
Лаура Стојанова М-Нет