Нема барања за поставување фотоволтаици за легализација на објекти во Штип, рокот е до 26 јануари

Ниту едно барање не пристигнало до Општина Штип за поставување фотоволтаици на индустриски градби со цел нивна легализација. Последните законски измени предвидуваа издавање одобрение за градба на градби или делови од градбите доколку сопственикот во рок од една година на кровната конструкција постави фотонапонска електроцентрала. Интерес имало, велат од Општината, ама официјално барање не, а рокот истекува на 26 јануари годинава.

„Можат да поднесат барање за издавање одобрение за градење во случаите кога истите се изградени согласно со параметрите со постоечките урбанистичко – плански документации. Услов за ова беше истите да имаат извршено и извештај за извршен технички преглед и да се изградени на земјиште со решени имотно – правни односи. Законската регулатива како рок за поднесување вако тип барање предвиде три месеци од стапување на сила на овој Закон, што значи дека веќе на 26.1.2023 година рокот за поднесување на вакви барања истекува. Досега во Општина Штип неколку заинтересирани субјекти пројавија интерес и истите вршеа консултации околу текот на постапката, но до денес нема ни едно барање за издавање одобрение за ваков тип објекти“, истакна Лазар Хаџи Николов од Одделението за урбанизам при Општина Штип.

Еден од условите за добивање одобрение е фотонапонските панели да се постават во рок од една година, во спротивно одобрението се поништува. Од друга страна, пак, интересот за поставување фотонапонски панели на објекти и на земјиште расте. Пред Општината има неколку постапки кои се во тек за добивање акт за фотонапонски панели.

Ребека Спасова М-Нет