
На 76-годишна возраст вчера се упокои Јордан Симоновски, кој штипјани го знаат како „Фото Трајче“. Роден во Градската болница во Штип, а веќе следната година преселен во Пробиштип. Во 1952 година се враќа во Штип, каде наредната година го запишуваат во забавиште во старото средно медицинско училиште, кое сега е Музичка академија. Прво одделение е запишан во училиштето кај „Свети Рангел“, кое преку ден било основно училиште, а навечер вечерно за занаетчиите, потоа учи и во основните училишта „Ванчо Прке“, во „Моша Пијаде“, „Тошо Арсов“. Низ годините бил стажант во „Македонка“, заминал и во војска, а сето ова заедно со податоците за неговата венчавка, податоците за татко му, синот и семејството тој ги забележа во книгата „Фото Трајче, дејност и семејно потекло“. За во вторник беше закажана и промоцијата на книгата, која Симоновски не ја дочека. Тој вчера го даде и своето последно интервју за Телевизија М-Нет најавувајќи ја својата книга за која рече оти сакал да остави запис за корените на едно занаетчиско семејство.
„Јас би нешто препорачал друго не само на штипјани, туку на сите други. Во секоја фамилија се крие некоја историја, секој може да напише малку од малку и сега е многу добра технологијата што може една книга да издаде, не мора 200 – 300 како порано што условуваа печатниците, само нека направи за блиските во фамилијата, да остави една историја мала и да го имаат потеклото на секоја фамилија“, рече Симоновски во последното интервју за Телевизија М-Нет.
Јордан Симоновски бил трет чирак во дуќанот на татко му кој бил отворен во 1948 година, а каде работел уште кога одел на училиште. Откако татко му се пензионира, Симоновски го презема дуќанот во 1980 година.
Ребека Спасова М-Нет