На излет или протест – каде за 1 Мај во годината на штрајкови и работничко незадоволство?

Штрајкуваа наставници, лекари, полицајци, вработени во Македонска пошта, АД Водостопанство и уште низа работници, а последен во тек е штрајкот на вработените во Државниот испитен центар. Ако се земе предвид периодот помеѓу претходниот и овој 1 Мај ова несомнено може да се прогласи како година на штрајкови за работнички права, подобри услови и повисоки плати. Од друга страна, пак, продолжениот викенд за Денот на трудот ја зголеми работата на граничните премини, особено на преминот „Богородица“. Иако од известувањето на АМСМ се вели дека чекањето е не повеќе од половина час, фотографиите покажуваат километарски колони во кои се чека дури и до четири часа. И уште мноштво граѓани ќе ги наполнат излетничките места, а некои ќе останат и дома. Имајќи ја предвид ваквата ситуација на терен ги прашавме штипјани – За 1 Мај на протест или на излет? Повозрасните граѓани се согласни дека ќе останат дома, ама немаат против ако младите го прослават празникот на излет. Сепак, едногласни се во ставот дека ситуацијата која ја имавме во изминатава година во државата поттикнува повторно сите како некогаш да излезат на протест. Велат тоа е вистински начин да се прослави 1 Мај.

Во моментов најголема огорченост предизвикува енормнотото покачување на платите на носителите на власта за речиси 80%, додека за работниците покачувањето е етапно и во мал износ. Токму ова е една од причините за протестот кој ќе се одржи на 1 Мај.

„ССМ ќе ја почитува традицијата и оваа година како најстар, најброен и единствен репрезентативен синдикат го повикуваме членството, работниците и граѓаните на денот на трудот 1-ви Мај да го изразиме незадоволството од ниските плати, сиромаштијата, непочитувањето на правата на работниците и граѓаните, бавните и нецелосни мерки за справување со економската и енергетската криза.“ – велат од ССМ.

Во Синдикатот евидентирани се над 40.000 обраќања за работници по разни основи за заштита на правата од работен однос, а најголем број се во врска со неисплатени плати, надоместоци, придонеси и додатоци на плата, како и нарушени синдикални права.

Ребека Спасова М-Нет