Најдобриот стрелец во Суперлигата останува во елитата: Штипјанката Марија Анчева потпиша за Ѓорче Петров-МРК

Една од најдобрите македонски ракометарки и најдобар стрелец во минатата сезона од Женската ракометна суперлига, штипјанката Марија Анчева, ќе го носи дресот на Ѓорче Петров-МРК во новата натпреварувачка сезона.
Новиот суперлигаш официјално го потврди ангажманот на искусната средна бековка, која пристигнува од редовите на Астибо, каде со своите одлични партии и голгетерски учинок се наметна како една од најдоминантните ракометарки во домашното првенство.
Од клубот ѝ посакаа топло добредојде и многу успеси во новата сезона.
„Ракометниот клуб Ѓорче Петров-МРК ѝ посакува добредојде на искусната ракометарка Марија Анчева, која доаѓа од екипата на Астибо и игра на позицијата среден бек. Со среќа во новата сезона!“, соопштија од клубот.
Трансферот претставува голем чекор во кариерата на Анчева, која по блескавата сезона во дресот на Астибо ќе има можност да настапува за еден од најамбициозните македонски женски ракометни клубови и да се бори за домашните трофеи и настапи на европската сцена.