
Дури 50 лица ќе се вработат за реализација на системот Е 112 – телефонска линија за итни повици. Системот е европски проект, а најавите се дека од оваа година ќе се вклучи во земјава. Всушност, станува збор за единствена бесплатна телефонска линија преку која граѓаните може да упатат итни повици, а од ЦУК се должни во најкраток можен рок од едно место да ги ангажираат полицијата, итната медицинска помош и бригадата за противпожарна заштита. На новиот број 112 граѓаните може да се јават во итни случаи, а да не мора напамет да ги знаат сите дежурни броеви.
Од таа причина, најголемиот број од новите вработувања се токму во ЦУК и се поврзани со фактот што земјава од оваа година се вклучува во системот Е – 112. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, неодамна истакна дека во однос на кадарот кој ќе работи во службата 112, се бара одредена стручност и подготвеност на операторите за да можат да одговорат на предизвиците на оваа работа.
На огласите кои се распишани, прво, се бара еден советник за контрола на квалитет, кој ќе зема плата од 34 илјади денари. Понатаму, еден советник за одржување на бази на податоци на Центарот за итни повици Е-112, кој исто така ќе зема плата од 34 илјади денари, како и двајца советници систем инжинери за развој и одржување на Е-112 за иста плата.
Се бараат и 12 самостојни референти Е112 – оператори – примател на повици на телефонскиот број за итни повици -112, како и 13 помлади референти Е-112 оператори – приматели на повици на телефонскиот број за итни повици -112 за плати од 21.600 денари. По тројца помлади референти се бараат и за Штип, Тетово, Охрид, Битола, Куманово, Струмица и Велес. За повеќето позиции се бараат Македонсци, а за одредени и Албанци, Срби, Бошњаци, Срби, Роми и други националности.
Колку за потсетување, претходно на Агенцијата за вработување беа огласени над 100 огласи за работни места во институциите во Штип кои се под Локална самоуправа, пред сѐ во училиштата. Меѓутоа, такви огласи сега нема, единствено во основното училиште „Ванчо Прќе“ се бара благајник.
Ребека Спасова М-Нет