
Игрите на среќа добиваат нови правила – за првпат со закон се регулираат и наградните подарувања, односно giveaway игрите. Од 14 јули, за организирање вакви игри ќе биде потребна дозвола од Министерството за финансии, а организаторите ќе мора да исполнат законски утврдени услови.
Новите правила се однесуваат на наградни игри во кои учеството се обезбедува преку активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини, а се организираат за промоција на производи и услуги. Правилата на играта ќе мора јавно да бидат објавени пред почетокот, а резултатите, односно добитниците, најдоцна три дена по извлекувањето или определувањето на добивките.
Организаторите ќе треба да поднесат барање до Министерството за финансии најмалку 30 дена пред почетокот на играта и да платат надоместок во висина од 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд. Според Министерството за финансии, целта на новите правила е поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на учесниците.
,,Целта на новото законско решение со кое за првпат се воспоставува регулирана рамка за приредување на подарувања (giveaway), да се утврдат јасни правила, обврски и услови за организаторите, како и поголема транспарентност и правна сигурност за учесниците.
Согласно новото законски решенија, за приредување giveaway задолжително ќе се издава дозвола, која се добива по поднесување барање до Министерството за финансии најдоцна 30 дена пред денот определен за започнување на играта.“, велат од МФ
Како што потенцираат од министерството со воспоставувањето на овие правила се создава единствена законска рамка за организирање на giveaway активности, се утврдуваат јасни обврски за организаторите и се обезбедува поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на учесниците при приредување на ваков вид игри на среќа
Иван Митев, М-Нет