Мојсов: Одигравме навистина квалитетен натпревар против Шкендија, верувам дека можеме до позитивен резултат во Кратово

Брегалница одигра одличрн меч против Шкендија во 21. коло од Првата македонска фудбалска лига, беше многу блиску до триумфот но изостанаа само головите за да се заокружи целокупниот впечаток.

Сепак, изданието на штипскитр„сините“ кое е можеби и најдоброто во пролетниот дел од сезоната дава импулс повеќе за следниот предизвик кој веќе утре ја чека Брегалница на гостувањето против Силекс во Кратово.

Кратовци во првите два свои пролетни натпревари имаат две победи, против Шкупи (2:1) и против Победа (1:4), па јасно е дека ја носат фаворитската улога, особено поради фактот што одиграа перфектни натпревари на високо ниво и потврдуваат дека се кандидати за “виза” за Европа. Но, сите во редовите на Брегалница се подготвени за максимално надигрување и желба за нов позитивен резултат.

„Одигравме навистина квалитетен натпревар против Шкендија. Противникот имаше само една можност во текот на целиот натпревар од слободен удар, а ние комплетно доминиравме пред се во второто полувреме, но за жал останаа нереализирани неколку 100% шанси. Целосно ја контролиравме играта и тоа е тоа што ни дава дополнителен мотив за понатаму“ – вели капитенот Даниел Мојсов, и дополнува:

„Факт е дека не чека тешко гостување во Кратово. Целосно го респектираме противникот кој покажа оваа пролет дека ќе се бори за највисок пласман. Но, ние ако имаме ист пристап кон играта како во претходните три средби и со една дисциплинирана игра верувам дека можеме до позитивен резултат во Кратово.“

Натпреварот меѓу Силекс и Брегалница од 22. коло во ПМФЛ се игра утре со почеток од 14:00 часот во Кратово.