
Модната индустрија во катастрофална сосотојба, банкротираат брендови, други се иселуваат. Изминатиот период само во Штип се затворија повеќе од четири текстилни компании, а вработените останаа без плата и без работа. Од Гласен текстилец велат дека ситуацијата е алармантна, бидејќи на дел од работниците не може да им се помогне. Не се зачленети во синдикати, а дел од фирмите се со странски управители, со изнајмени простории за работа и машини под кирија. Ваквата ситуација во реалноста е проблем, но на удар не е само текстилната иднустрија туку и приватниот сектор.
„Има потешкотии во целата модна индустрија, имаме банкротирање на брендови, иселување, одат во Египет, Бангладеш, но се надевам дека ќе се промени нешто. Бидејќи нема да биде само текстилната индустрија, туку под удар е и приватниот сектор, треба да се донесат мерки кои ќе бидат во корист и на работниците и на компаниите“ – вели Ампева.
Дополнително во крајниот Исток од државата, вработените во текстилната иднустрија се со старосна граница од 55 години. Ако се затворат конфекциите, тие остануваат без работа и многу потешко може да се вработат на години пред пензија.
„Генерално старосна граница на работничките е повозрасна. Во Штип имаме и млади жени, но во крајниот Исток да, ако тука е 45 години старосната граница, натаму е 55.“ – додава Ампева.
Ампева апелира до вработените да се зачленуваат во синдикати со цел да може да им се помогне соодветно и навремено. Во спротивно тие процеси одат многу потешко, фирмите се затвораат а работниците остануваат и без работа и без плата.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет