
Општинската обврзница повторно точка на дневен ред на седницата на Советот на Општина Штип. Откако пропадна првиот обид да се добие првата општинска обврзница, за реализација на капитални проекти, Штип ќе се обиде истата да ја добие по вторпат. И ова како одлука одново ги рагоре страстите меѓу советниците и градоначалникот. Јорданов тврди дека со оваа обврзница Општината не се задолжува, туку ќе враќа стари долгови.
„Факт е дека Општина Штип се раздолжува, се раздолжува од неодговорното работење на СДСМ од минатото. И тоа е факт – Општина Штип го враќа долгот и неодговорното работење на СДСМ“, вели Јорданов.
За продолжување на булеварот „Партизанска“, изградба на обиколница, уредување на градскиот пазар и останатите проекти кои треба да се реализираат со обврзницата од СДСМ и коалицијата побараа да се наведе точна сума на потребни средства за реализација.
„Советничката група на СДСМ бара да се наведат точни износи на тоа колку би чинело продолжување на булевар „Партизанска“, изградба на обиколница на булевар „Гоце Делчев“ до населба Ново Село преку Пребег, уредување на градскиот пазар, набавка на фотонапонски панели за производство на електрична енергија, набавка на турбина“, побараа од СДСМ.
Од СДСМ додадоа дека тие не се против реализација на капитални проекти и тоа неколкупати досега е покажано и во пракса.
„Потенцирам дека СДСМ не е против изградба на било кој проект, тоа сме го покажале и во пракса“, вели Стојчевски.
За добивање на општинска обврзница глас дадоа советниците од владеачкото мнозинство, а градоначалникот Јорданов во неколку наврати истакна дека овојпат очекува Владата да не биде пречка и Штип да почне вистински капитално да се развива.
Ребека Спасова М-Нет