
Третото коло од Втората македонска лига донесе вистински фудбалски спектакл со 29 погодоци на седум натпревари!
Детонит Плачковица со голот на Сашо Дуков славеше минимални 1:0 над Слога Виница, додека Преспа ја декласира Победа со убедливи 5:0 – Давид Карамачоски блесна со хет-трик, а погодија и Амир Фејзулаи и Нико Пластиновски.
На „Билјанини Извори“, Охрид во вториот дел го скрши отпорот на Осогово и триумфираше со 2:0 – стрелци Антонио Каланоски и Иван Глигоров.
Беласица приреди вистинска лекција за Големо Коњари со убедлива победа од 1:7 – Бојан Спиркоски постигна хет-трик, Александар Коцев двапати се запиша, а голови додадоа и Александар Милушев и автоголот на Михо Андреевски.
Драма имаше на „Железарница“, каде Скопје водеше со 2:0 преку Виктор Ангелов и Александар Богданоски, но Шкендија Арачиново со головите на Александар Ѓорѓиески и Мргим Дани во 90. минута избори реми – 2:2.
Кожуф продолжува со одлични игри и со 1:3 славеше кај Каменица Саса – Петар Гугуљанов погоди прв, а Веби Ислами додаде два гола. За домаќините гол постигна Андреј Симевски.
Новаци запишаа важна победа од 3:2 над Вардар Неготино. Стефан Јовановски беше двоен стрелец, а Антонио Марцевски додаде гол. За гостите погодија Ѓорѓи Шишков и Насаф Шабанов.
Колото ќе биде комплетирано во понеделник со натпреварот меѓу Брегалница и Тетекс во Штип.
Александар Ванев, М-Нет