Младиот хармоникаш Драган Костадинов го освои првото место на меѓународниот натпревар во Хасково, Бугарија, меѓу 260 натпреварувачи

Младиот хармоникаш Драган Костадинов го освои првото место на меѓународниот натпревар во Хасково, Република Бугарија.

Во конкуренција на околу 260 натпреварувачи од пет земји – Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Молдавија, Костадинов се натпреваруваше во категоријата од 15 до 18 години и со својот настап на хармоника го освои највисокото признание.

Станува збор за значаен меѓународен успех, кој е резултат на долгогодишна посветеност, труд и љубов кон музиката. Под менторство на Петар Стојчевски, младиот штипјанец успеа да се издвои меѓу бројните учесници и да го привлече вниманието на стручната комисија.

Првото место во Хасково претставува уште една потврда за неговиот талент и потенцијал, но и убаво признание за македонската музичка традиција и младите уметници кои успешно ја претставуваат државата на меѓународни сцени.

Инаку, Костадинов со музика се занимава од мали нозе и досега има настапено на повеќе места.

Иван Митев, М-Нет