Мицкоски: Химната на Македонија треба да се почитува, без разлика на етничката припадност

Химната на Македонија треба да се почитува од секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето што би се случило доколку општините со албанско мнозинство побараат во училиштата да се интонира и албанската химна. Тој посочи дека државната химна е утврдена со Устав и закон и нејзиното почитување е обврска за сите граѓани. Мицкоски нагласи дека истовремено треба да се почитуваат и националните симболи на сите етнички заедници.

,,Тоа е дефинирано согласно устав и закон и таа е државна химна. И без разлика на нашата етничка припадност, ние см граѓани на оваа земја и треба да ги почитуваме симболите на на оваа земја. Се разбира исто така треба да се почтиуваат и националните симболи, кои што се регулирани во поединични закони, како што е законот за знамиња, јазици и т.н. Но интонирањето на на државната химна во државата во која што патем речено и вие добивате плата и вашиот медиум добива финансии, претставува обврска на сите граѓани да ја почтиуваат и на истата да се поклонат без разлика на етничката припадност, без разлика дали се македонци, албанци, турци, срби, власи, бошнаци или останати. Почитувањето на државната химна треба да е свето исто како што треба да биде и почитувањето на национални симобли на различнио етнички заедници.“, кажа Мицкоски

Мицкоски порача дека во време кога светот оди напред со вештачка интелигенција и нови технологии, ние не треба да се занимаваме со поделби околу химната. Вели дека треба да се почитуваат и државните и националните симболи, но фокусот треба да биде на иднината.

,,Mислам дека во 21 век, во ера на вештачка интелегенција, во ера на нови предизвици кои што ги има човештвото, ние зборуваме за интонирање на државна химна, без разлика колку таа вас ви се допаѓа или не, сепак оваа држава е онаа која што ви овозможила на вас да сте во паметен и млад човек. Tреба да се почтиуваат националните симболи, има закони кои тоа треба да го регулираат. Јас би рекол да се фокусираме на иднината.“, додава Мицкоски

Премиерот и натаму останува дециден – државната химна треба да се почитува од сите, без разлика на етничката припадност, а националните симболи на заедниците да се почитуваат согласно законите.

Иван Митев, М-Нет