
Министерството за внатрешни работи вработува 600 нови полицајци, од нив 20 се бараат за Секторот за внатрешни работи – Штип. Како што стои во објавениот Јавен оглас, потребно е засновање на работен однос на 600 извршители на работно место полицаец, согласно со организациските потреби, како и согласно со одредбите од законите за внатрешни работи и за полиција, и соодветните подзаконски акти. Најмногу се бараат за СВР Скопје, вкупно 300, а најмалку за регионалните центри за гранични работи Исток и Југ, само десет.
„Покрај општите услови наведени во огласот, кандидатите треба да ги исполнуваат и посебните услови, и тоа потребна телесна висина од најмалку 175 см (мажи), 165 см (жени) и висока лична физичка подготвеност, а во потребната документација како доказ за исполнување на потребните услови за работното место се извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно средно образование и две фотографии (3,5 см х 4,5 см), како и своерачно потпишана изјава со која потврдува дека истиот не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.“ – велат од МВР.
По спроведената постапка за селекција, која опфаќа административна селекција на поднесената документација, проверка на моторички способности, тест за интегритет и психолошки тест, општо-образовен тест, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на неа се упатуваат за 10 проценти поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати.
„По завршување на основната обука Министерството за внатрешни работи и кандидатот за полицаец, кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување во Министерството, со кој кандидатот за полицаец се стекнува со статус „полицаец – приправник”. Со договорот за вработување се уредуваат меѓусебните права и обврски и се утврдува дека полицаецот е должен да остане на работа во Министерството најмалку пет години сметано од денот на склучувањето на договорот за вработување. Во спротивно, истиот е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати. “ – додаваат од МВР.
Во август минатата година МВР промовираше 590 полицајци кои успешно ја завршија обуката во Центарот за обука, а два месеца претходно, во јуни 2022, распиша и нов оглас во кој се бараа 600 полицајци, од кои 70 за СВР Штип.
Ребека Спасова М-Нет