Манасиевски по кривичната пријава: СДСМ не ги демантира информациите што ги објавив, туку се занимава со тоа од каде ги добив

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, реагира на кривичната пријава што СДСМ денеска ја поднесе против него и против полициски службеници од СВР Струмица, поврзана со објавувањето податоци за лицата вклучени во инцидентот во Ново Село.

Манасиевски вели дека во реакцијата на СДСМ има една многу важна работа, а тоа е што партијата не ги демантира информациите што тој ги објавил.

„СДС не ги негира информациите што ги објавив. Што значи дека ги потврдуваат“, напиша Манасиевски.

Тој тврди дека СДСМ не демантира оти лицата кои биле претставени како млади активисти имаат пресуди за насилство и трговија со дрога, ниту, како што наведува, ги демантира фактите што ги објавил за нивното криминално минато.

„Наместо одговор на тоа, решија да се занимаваат со тоа од каде сум ги добил информациите“, наведува Манасиевски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема пристап до полициски системи и дека информациите ги добил од луѓе кои, според него, се „свиркачи од СДС“ и одлучиле да укажат на нешто за кое сметале дека јавноста треба да знае.

„Јас сум портпарол на ВМРО-ДПМНЕ и го штитам јавниот интерес. Не сум никаков полициски службеник, немам никаков пристап до полициски системи и не сум барал од никого да крши закон“, пишува тој.

Манасиевски прашува зошто СДСМ не ги брани фактите што ги објавил и зошто не ги демантира тврдењата за лицата кои партијата ги нарекла „жртви“.

„Кривична пријава не е пресуда. А мене кривични пријави нема да ме замолчат да ја говорам вистината“, порача Манасиевски.

Од СДСМ претходно денеска соопштија дека поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за гонење организиран криминал против полициски службеници од СВР Струмица и против Манасиевски.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, обвини дека на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ биле објавени доверливи податоци од документи од Полициската станица Струмица, до кои, според него, партијата немала право на пристап.

СДСМ тврди дека полициските службеници се пријавени за злоупотреба на службената положба и овластување, оддавање службена тајна и злоупотреба на лични податоци. За Манасиевски, пак, од партијата наведоа сомнение за злоупотреба на лични податоци и поттикнување.

 

Текстот Манасиевски по кривичната пријава: СДСМ не ги демантира информациите што ги објавив, туку се занимава со тоа од каде ги добив е превземен од МАКФАКС.