Мал Ајакс убедлив во дербито за опстанок во Штип, шампионот Форца загуби во Кавадарци

ФОТО: КМФ Мал Ајакс

Мал Ајакс од Штип оствари исклучително значајна победа во борбата за опстанок во Првата футсал лига на Македонија, откако на домашен терен убедливо го совлада дебитантот Балкан со 8:2. Натпреварот имаше директно влијание во долниот дел од табелата, бидејќи стануваше збор за пресметка на две екипи кои водат тешка битка за зачувување на прволигашкиот статус.

Седат Мамудов и Ангел Белчовски постигнаа по два гола за штипскиот состав, а по еднаш во листата на стрелци се запишаа Филип Миташев, Трајче Ефремов, голманот Филип Гигов и Андреј Трајанов. За Балкан погодија Ерол Далеп и Фестим Балиќи. Оваа победа има дополнителна тежина ако се знае дека Мал Ајакс оваа сезона се врати во елитата и сега се обидува да го задржи прволигашкиот статус.

Во уште еден исклучително ефикасен натпревар, Клими со 7:5 го совлада актуелниот шампион Форца. Домашниот тим имаше контрола врз резултатот, водеше со 4:2 на полувреме, а во вториот дел стигна и до убедливи 7:2. Форца во самиот финиш само успеа да го ублажи поразот на 7:5, со што практично ги загуби шансите за одбрана на титулата.

Лидерот Проект добива службени три бодови, откако Јувентус Серава не допатува во Гевгелија и натпреварот не се одигра по предвиденото 30-минутно чекање. Извесно е дека Проект веќе станува шампион.

Важна победа во битката за опстанок забележа и Шкупи, кој славеше над Бутел со 4:3.

Во Крива Паланка, пак, Осогово и Кеги Моби одиграа драматично реми. Домашниот состав беше на чекор до три бода, но прими погодок во последните секунди и мораше да се задоволи со бод во битката за опстанок.

Колото донесе многу голови, неизвесност и значајни промени во долниот дел од табелата, каде што секој бод може да биде пресуден во трката за останување во елитното футсал друштво. Битката за опстанок ја водат Мал Ајакс, Шкупи, Осогово и Балкан.

Александар Ванев, М-Нет