Македонскиот футсал шампион Форца со голем пораз на стартот од главната рунда во Лигата на шампионите

Македонскиот футсал шампион Форца од Куманово забележа голем пораз на првиот меч од групата 8 од главната рунда во Лигата на шампионите, откако загуби со убедливи 10:2 од украинскиот тим Хит.

Форца имаше одличен настап на квалификацискиот турнир кој се играше во Куманово, каде го освои првото место, но сега во оваа рунда Форца се соочи со далеку поискусни и поквалитетни екипи.

Украинскиот тим уште од почетокот ја имаше контролата врз играта и од сам почеток го реши натпреварот, а на полувреме резултатот беше 5:1. Во вториот дел Хит постигна уште пет гола, а Форца само еден за конечни 10:2.

Сепак, за македонскиот шампион овие натпревари се дополнително искуство, а сега фокусот се насочува на следниот меч против словенечкиот Силико, во обид Форца да дојде до позитивен резултат.

Александар Ванев, М-Нет