Македонија ги започнува подготовките за Сребрената Европска лига: Женската репрезентација се собира во Струмица

ФОТО: ОФМ

Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија ги започнува подготовките за учество во Сребрената Европска лига 2025. Селекторот Стефан Пауновиќ утре напладне ќе ја одржи првата прозивка во Струмица, каде ќе се соберат 20 повикани одбојкарки.

Тренинзите ќе започнат попладне во салата „Парк“ во Струмица, каде ќе се одвиваат сите подготовки до стартот на натпреварите. Поради ограниченото време за подготовка, не се предвидени пријателски средби пред почетокот на натпреварувањето.

Ова ќе биде второ учество на македонските одбојкарки во Сребрената Европска лига, откако дебитираа во 2023 година. Во новото издание, нашите репрезентативки ќе се борат со селекциите на Австрија, Швајцарија, Летонија, Израел, Грузија, Луксембург, Фарски Острови и Исланд.

Натпреварите ќе се играат според „швајцарскиот систем“ во три викенди, низ три турнири, при што секоја селекција ќе биде домаќин на еден турнир.

Македонија ќе биде домаќин на првиот турнир од 30 мај до 1 јуни во салата „Парк“ во Струмица, каде ќе ги пречека репрезентациите на Луксембург и Швајцарија. Во вториот викенд односно од 6 до 8 јуни, нашите одбојкарки гостуваат на Фарските Острови, каде ќе играат против домаќинот и селекцијата на Австрија.

Посебен предизвик носи третиот турнир, кој ќе се одигра повторно во Струмица, од 13 до 15 јуни, каде Македонија ќе биде логистички домаќин наместо Израел, поради безбедносните услови во таа земја. Покрај Израел, на овој турнир ќе учествува и репрезентацијата на Грузија.

По сите одиграни турнири ќе се состави заедничка табела, а четирите најдобри селекции ќе обезбедат место во завршницата.

Александар Ванев, М-Нет