Лукијан Тенев – шаховски талент од Штип и најмлад член на шаховскиот клуб Нов Напредок

Во време кога дигиталните игри доминираат меѓу младите, десетгодишниот Лукијан Тенев од Штип е пример дека класичните интелектуални спортови како шахот сè уште имаат силна привлечност. И покрај младоста, Лукијан веќе пет години активно се занимава со фудбал, а веќе една година е дел од шаховскиот клуб „Нов Напредок“ – каде покажува исклучителен талент и посветеност.

„Најпрво кога бев помал мојот дедо ми ја купи првата шаховска табла и така повеќе и повеќе сакав да ја играм играта, прво со дедо ми, па со татко ми и сега се запишав во клубот Нов Напредок и тренирам со сите членови на клубот. Тренирам околу една година со сите тренирам едно еднакво, но најмногу тренирам со дедо Дончо и со претседателот на клубот тоа е чичко Емил Насев. Дедо Донче ме покажа на мојот ментор што е сега Тони Лазов и тренираме со него“, вели Тенев.

Првите партии ги одиграл со дедо му, а потоа и со татко му. Љубовта кон шахот постојано растела, што го мотивирало да се запише во шаховски клуб.

„Јас сум многу задоволен што тренирам со Тони, но има и други деца како мене, но не се на тоа ниво се уште. Ме прашуваат за шахот, јас им кажувам како се играат, дали е тешко, сепак овој спорт е тежок и треба многу мислење за да можеш да бидеш добар“, раскажува Тенев за М Нет телевизија.

Иако има само 10 години, Лукијан веќе има учествувано на неколку турнири низ Македонија, а најголем успех досега му е постигнат во Скопје.

„Имам учествувано на повеќе натпревари, низ цела Македонија. Во Скопје имам остварено многу добар резултат и тој е најдобар што го имам до сега. Во иднина се гледам да освојам некои турнири, да напредувам се повеќе и повеќе“, дополнува Тенев.

Тенев е најмладиот шахист во Нов Напредок, има десет години, го сака шахот и сака да биде посветен на истиот. За М Нет телевизија вели дека 5 до 6 години активно игра и фудбал, а Лукијан има амбиции и јасна визија за во иднина.

Највозрасниот член на клубот „Нов Напредок“ е Донче Јорданов, кој со своите 77 години е и секретар на клубот. Тој смета дека интересот за шахот во Штип е во пораст.

„Највозрасниот член сум јас, имам 77 години. Интересот за шахот во Штип сега е малку поголем бидејќи последните две години благодарение на нашиот претседател Емил Насев ги имаме овие простории, имаме услови, да играме. Освен тоа, учествувавме во натпреварите на шаховската федерација на Македонија, таму прво поминавме низ квалификации за Втора лига, а таму освоивме прво место и оваа година ќе се бориме за опстанокот, бидејќи сме нови во Првата лига на Македонија“, вели Јорданов, кој е и секретар на клубот.

Шаховскиот клуб Нов Напредок од Штип е дел од Првата лига, интересот за овој спорт кај младите од година во година станува се поголем, што радува фактот кога е во прашање овој спорт.

Александар Ванев, М-Нет