
„Обвинителка“ во Штип дојде од Србија. Српската актерка Лидија Вуќичевиќ вчеравечер играше во истоимената театарска претстава во Народниот театар во Штип. Ова е прва изведба на „Обвинителка“, која наиде на голем интерес и силни позитивни реакции кај публиката. Актерката Вуќичевиќ, воодушевена од штипската публика, вели дека кога игра овде се чувствува исто како да игра дома.
„Нема тука некаква разлика, главно, е исто. Јас воопшто немам впечаток дека сум во друга земја, на крајот на краиштата ние, навистина, се поделивме и ова е друга земја. Јас Македонија отсекогаш ја доживував како своја земја, така што јас сум овде меѓу моите. Мене овде ништо не ми е непознато, мене овде ми е убаво. Тука има менталитет којшто е многу сличен на српскиот менталитет и јас се чувствувам како дома. Публиката во Штип е доста образована и реагира точно на оние места на кои треба. Се гледа дека тоа е публика која посетува театар и која гледа, така што испраќам еден бакнеж за вечерашната публика“, вели Вуќичевиќ.

Од тоа како публиката ја восприемаше претставата изненаден е и актерот и режисер Сашо Ристовски. Претставата „Обвинителка“ е сатира со симболи на денешницата, што било препознаено од публиката, вели тој. Задоволен е и од атмосферата која владеела меѓу екипата која ја работела претставата и смета дека тоа е причината за одличниот резултат.
„Треба да се дојде и да се погледне „Обвинителка“, бидејќи не треба да го заборавиме оној спомен кој е веќе зад нас. Можеби некои ќе ме критикуваат зошто е таа тема. Јас сметам дека театарот секогаш е критичар на општественото уредување и на тие што го водат. Да поуживаат, да се насмеат и да поминат еден час во театар“, истакна Ристовски.
Репризата на претставата е денес во Куманово, а потоа „Обвинителка“ ќе се игра и во Охрид и Битола. Можност да уживаат во комедијата повторно ќе имаат и штипјани, бидејќи во моментов се преговара за нов датум на репертоарот во месец април. Дека има причина зошто да се погледне потврдува и актерката Вуќичевиќ.
„Затоа што е не само комедија, туку една добра сатира која може да се примени на апсолутно сите друштва, и во Македонија, и во Црна Гора, Хрватска, каде било. Тоа е пресек на едно сегашно општество во кое, за жал, живееме“, додава Вуќичевиќ.
Театарскиот проект е поддржан од Министерството за култура, Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип, Почесниот конзулат на Република Србија со седиште во Охрид и други институции.
Ребека Спасова М-Нет