Лидерот Кочани со нова убедлива победа, Вардар го доби дербито во Охрид, трите бодови останаа во Радовиш!

ФОТО: Александар Ванев, забрането е превземање на фотографијата без добиена согласност!

Овој викенд се одигра претпоследното 13. коло на Втората женска фудбалска лига, а највисока победа однесе лидерот Кочани, откако на домашен терен со убедливи 5:0 го доби тимот на Победа од Валандово.

Преку пресврт до важна победа дојде Вардар откако славеше со 1:2 во Охрид против Билјанини Извори во дербито на колото, па така Вардар е сигурен за нов бараж за Прва лига, но во последното коло против Кочани на домашен терен ќе игра и за прво место и титула, па тој меч ќе решава кој да игра бараж, а кој да стане шампион и директно да патува во Прва лига.

Порече преку пресврт го доби Борец во Велес со резултат од 1:3 со што трите бодови заминуваат во Македонски Брод. Во Радовиш се одигра интересен меч со пресврти меѓу Плачковица и дебитантот Слободен кој ја бараше првата сезонска радост, а мечот заврши со 3:2.

Гостинот прв го отвори резултатот, а потоа Плачковица направи пресврт на 2:1. Слободен дојде до израмнување и направи притисок за нов гол, но сепак второлигашот од Радовиш постигна гол и со тоа трите бодови останаа дома.

Следниот викенд ќе се одиграат натпревари од последното 14. коло со што ќе заврши сезоната во Втората женска фудбалска лига, па ќе остане да се комплетира сезоната со одигрување на баражот за влез во Прва лига.

Александар Ванев, М-Нет