Левица: Мицкоски го допре дното, наместо аргументиран и приземен одговор, со лични навреди и вмешување на семејството, го нападна Мециновиќ

Во јавноста денес се пласираат наслови дека Мицкоски се извинил за инцидентите во Собранието (неалудирајќи на оние коишто самиот ги стори и предизвика). Но, само неколку минути пред тоа, од собраниската говорница, Мицкоски лично одржа говор исполнет со лаги, навреди, омаловажувања, лични дисквалификации кон пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, и повторно ги вмешаа семејните прилики на Мециновиќ, велат од Левица.

„Најпоразителен е контрастот. Од едната страна говор без лични навреди, посветен на социјалната состојба, упатен кон младите, работниците и животот на граѓаните. Од другата страна премиер кој не најде ниту еден аргумент за одбрана, па целата реплика ја сведе на лични омаловажувања. Таквата реакција не откри ништо за Амар Мециновиќ, туку многу за политичката култура на човекот кој ја води Владата и државата“.

Мицкоски, додаваат од Левица, наместо да се воздржи од коментари кога не е во состојба да развие стабилна, разумна мисла – одлучи да излезе на говорница и преку Мециновиќ да навреди огромен број граѓани на кој тој им е премиер.

Како што оценуваат, кога премиер ќе одлучи наместо аргументи да дели лични навреди, а наместо одговорност да демонстрира политичко силеџиство, тоа ги надминува границите за сфаќање на темпераментот и се заклучува отсуство на елементарна способност да се носи тежината на функцијата.

„Од човек кој ја претставува државата се очекува државничко однесување, а не уличарски препукувања и навредување од говорницата на Собранието каде тој де јуре треба да е подреден.

Функцијата премиер не служи за лекување фрустрации. Мицкоски покажа дека не ја носи функцијата, туку ја влече надолу до сопственото ниво на политичка нетрпеливост.

Очигледно, нервозата во редовите на ДПМНЕ е сè поголема. Не е лесно да се прифати дека, и покрај целата државна и партиска машинерија, притисоците, заканите, коалициските дилови и неспоредливите финансиски ресурси и можности, во Скопје добија шок и градоначалник со историски најнизок број освоени гласови, а Левица покажа дека може сериозно да им го наруши политичкиот комфор.

Колку ли мора да е длабока нервозата кога самиот премиер доброволно одлучува да се деградира во примитивен партиски напаѓач. Очигледно, веќе нема кого да испрати да ја води валканата кампања, па мора лично да ја врши таа работа. Контролата забрзано му се лизга од раце“.

Од партијата истакнуваат дека Мицкоски очигледно живее во балон во кој секоја животна различност е повод за потсмев, а секоја семејна околност средство за политичка пресметка.

„Толку е отуѓен од реалноста што заборава дека Македонија не ја сочинуваат само привилегирани кругови, туку и илјадници семејства кои секојдневно се соочуваат со тешки животни околности. Опасна демонстрација на целосно отсуство на чувство за реалноста во која живеат граѓаните.

Паѓа маската на Христијан Мицкоски. Зад внимателно градената слика за “државник“ остана само лик кој, со целата моќ што ја има на располагање, не успеа да се стабилизира и одговори на критика без да прибегне кон лични дисквалификации. Тоа е најдобриот показател во каква политичка состојба се наоѓа оваа власт“.

Текстот Левица: Мицкоски го допре дното, наместо аргументиран и приземен одговор, со лични навреди и вмешување на семејството, го нападна Мециновиќ е превземен од МАКФАКС.