Антикорупциската комисија отвори предмет единствено за “евентуален“ судир на интереси на Николче Мицевски, претседателот на Комисијата што ја разгледувала понудата, кој подоцна се појавува и како учесник во програмата. Од операција тешка околу 5,5 милиони евра, формалната антикорупциска проверка во моментов се сведува на едно лице и прашање, додека надвор од предметот остануваат начинот на финансирање, корпоративните одлуки на Државна лотарија, единствената понуда, експресната евалуација, договорите, исплатите и целата временска линија на договарањето, велат од Левица преку соопштение.
„Иако во нашите претходни реакции го таргетиравме и овој аспект, скандалот е многу поширок од можен судир на интереси. Повикот предвидувал Комисијата да врши суштинска евалуација на концептот, продукциската вредност, финансиската оправданост, транспарентноста, логистичкиот капацитет и јавниот интерес, па потоа да изготви извештај со предлог за најповолен понудувач. Рокот завршил во петок, 8 мај во 12 часот, пристигнала една понуда, а само неколку дена подоцна јавноста веќе добива готов реализатор и Дејвид Гета. Тоа претставува повеќе од доволна концентрација на околности за предистражна проверка на целата постапка, а не изолирање на една епизода од неа.
Уште потешко е да се игнорира финансискиот контекст на самата Државна лотарија. ДЗР за работењето во 2024 година изразил неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, констатирал нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или поткрепени со неверодостојни документи и навел дека постои сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки. И токму поради таквата историја на институцијата, несериозно е операција од стотици милиони денари да се остава на политички соопштенија и интерни уверувања дека сè било чисто. Овде мора да се проверат многу документи и финансиски текови.
Притоа, јавноста речиси и да нема причини слепо да верува дека предмет во ДКСК автоматски значи и целосно расчистување на случајот. После сите случувања и скандалозни одлуки на оваа Комисија, а особено имајќи ја предвид одлуката за непостапување против директорот на АНБ (Бојан Христовски) при сите докази и непобивливи аргументи – со право може да се очекува и за овој предмет исходот едноставно да биде аминување на одлуките на Владата и Лотарија, односно да не утврдат судир на интереси и ДПМНЕ на чело со Мицкоски да “триумфира“ додека народот ќе биде сведен на идиот.
Апелираме до ДКСК дека нема да е доволно на крај да добиеме формулација дека „не е утврден судир на интереси“ и со тоа да се спушти завесата врз 300 милиони денари од Лотарија, и затоа отсега бараме детално образложение на Одлуката!
Тежиштето всушност е кај Обвинителство, а истото има доволно елементи, причини, скандали за да постапи веднаш по допрен глас.
Самото тоа што оваа тема со денови е во јавноста, што се поставуваат конкретни прашања, се бараат документи, а Владата и Државна лотарија упорно ја игнорираат суштината и возвраќаат со политички изјави наместо со докази, е крајно индикативно. Ако навистина сè било регуларно, законито и транспарентно, досега немаше да има ниту една причина од јавноста да се кријат записниците, корпоративните одлуки, правните мислења, интерните правилници, целосната понуда, евалуацијата, договорите, анексите, фактурите, подизведувачките договори, банкарските трансакции, исплатите кон артисти и продукции, документите за јавен интерес, даночниот третман и конечниот финансиски извештај. Затоа повторно бараме сè да биде објавено јавно и целосно, од првата владина одлука до последниот денар исплатен по оваа операција.
Сомнежот не го создаваат недобронамерници, опозицијата или новинарите, туку токму тие самите со нивното упорно криење на документите“, се вели во партиското соопштение.
Текстот Левица: Институциите го сведоа скандалот од 5,5 милиони евра на истрага за еден можен судир на интереси – Обвинителството нема што повеќе да чека е превземен од МАКФАКС.