Левица: Зголемувањето на буџетскиот дефицит отвора сериозни економски и политички прашања

Левица оцени дека предложениот ребаланс на Буџетот ја потврдува, како што наведуваат од партијата, погрешната економска политика на Владата и предупреди дека зголемувањето на буџетскиот дефицит се прави без јасен план за долгорочните ефекти врз економијата.

Од партијата наведуваат дека Владата не понудила конкретни анализи, мерливи цели и гаранции дека новото задолжување ќе придонесе за економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Левица посочува дека остануваат нејасни ефектите од најавените капитални инвестиции, како и колку од средствата ќе завршат кај домашните компании, дали ќе се отворат нови работни места и каков ќе биде придонесот за домашното производство, земјоделството и малите и средните претпријатија.

Во реакцијата се наведува и дека Владата, и покрај признавањето на падот на буџетските приходи, се одлучува за зголемување на дефицитот, наместо да отвори дебата за, како што велат, поправедна даночна политика.

Од Левица оценуваат дека во ребалансот недостигаат мерки за подобрување на животниот стандард, намалување на сиромаштијата и економската нееднаквост, предупредувајќи дека без јасен план за развој на домашната економија и социјална компонента, постои опасност трошоците од ваквата политика на крајот да ги сносат граѓаните.

Текстот Левица: Зголемувањето на буџетскиот дефицит отвора сериозни економски и политички прашања е превземен од МАКФАКС.