Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Националната установа Албански театар – Скопје претставува уште еден алармантен пример за тоа како со години се толерираат неправилности во институциите од културата, без сериозна институционална одговорност, велат од партијата Левица.
Според нив, особено загрижуваат наводите за исплата на плати на лица кои не доаѓале на работа, како и продажба на билети без донесен акт со кој се утврдува нивната цена.
„Ако овие наоди се точни, тогаш не станува збор за административни пропусти, туку за сериозно нарушување на принципите на законито, транспарентно и одговорно управување со јавните средства“, велат од Левица.
Дополнителна загриженост, како што додаваат, предизвикува фактот што Државниот завод за ревизија нотира и слабости во евиденцијата на работното време, немање материјална евиденција за средствата, нерегулирани односи околу користење на имотот, како и недонесен акт за цените на билетите. Овие наоди покажуваат систем на управување во кој контролите или не функционираат или воопшто не постојат.
„Прашањето што јавноста има право да го постави е: каде биле надлежните институции досега? Каде биле Управниот одбор, Министерството за култура и другите контролни механизми додека се создавале услови за вакви состојби? Ревизијата не треба да биде единствениот момент кога државата дознава што се случува во една национална установа.
Особено е симптоматично што ревизорите укажуваат и на функционирање на Управниот одбор без законски утврдениот број членови, нерегулирано користење на движен и недвижен имот и судски постапки во тек. Наместо институција која треба да биде пример за професионално управување со јавен ресурс, добиваме слика за институција оптоварена со организациски и управувачки проблеми.
Да потенцираме, ова не е прашање на етничка припадност, ниту прашање на конкретен театар, туку е прашање на одговорност кон јавните пари. Граѓаните ги финансираат националните установи за тие да создаваат култура, а не за да бидат предмет на ревизорски констатации за спорни исплати и недефинирани финансиски процедури.
Затоа, по објавувањето на вакви наоди не е доволно само да се констатираат неправилностите, туку Министерството за култура јавно да соопшти кои мерки ќе ги преземе, дали ќе биде утврдена персонална одговорност и во кој рок ќе бидат отстранети утврдените слабости. Во спротивно, ревизорските извештаи ќе останат само архивски документи, а неправилностите ќе продолжат да се повторуваат.
Најзагрижувачко во целиот случај не се само утврдените неправилности, туку впечатокот дека никој со години не почувствувал обврска да реагира. Ако национална установа функционира со низа слабости во управувањето, тогаш проблемот не е само во една институција, туку во целиот систем кој очигледно потфрлил.
Доколку овој извештај заврши како уште една забелешка без конкретни последици, тогаш пораката до сите јавни установи ќе биде јасна: ревизијата е формалност, а одговорноста зависи од политичката или етничката припадност“, велат од Левица.
Левица прашува дали конечно некој ќе сноси последици за она што ревизијата го открила? Во спротивно, ќе продолжиме да живееме во држава во која скандалите редовно се констатираат, но никогаш не се санкционираат.
Текстот Левица бара одговорност по ревизијата во Албанскиот театар: Исплаќани плати без доаѓање на работа, билети продавани без утврдена цена е превземен од МАКФАКС.