
Искршени врати и прозорци, разрушени ѕидови, отпад и шут – ваква е сликата во културниот дом во село Грдовци. Некогаш овде се правеле најголемите и најубави свадби, игранки, а денеска е само разрушен објект кој не служи за ништо. Жителите на село Грдовци, пред многу години, сами носеле материјал, работеле и граделе, а сега објектот е оставен на забот на времето, да се распаѓа. Пред објектот е направен летниковец, ама и тој веќе се распаѓа, па од културниот дом останува само спомен на кој се сеќаваат жителите од селото кој секојдневно минуваат од овде.
Имало и мала просторија која служела за лекар кој доаѓал, денеска го нема ниту тоа, па младите, но и повозрасните за секоја своја потреба мора да одат во Кочани.
„Нашето село, старите наши, они го правија. Ама сега се е искршено, нема ниту врата, ниту прозор – ништо. Овај објект едно време ни служеше за свадби, јас овде сум правил свадба, игранки се правеа, сега го оставија пуст остана, се е скршено.“ – вели Арсов.
Дали ќе се реконструира културниот дом во село Грдовци и какви се плановите прашавме и во Општина Кочани. Од таму посочија дека во наредниот период ќе се преземат мерки и активности за истиот овој објект да го врати стариот сјај и повторно да се користи како пред многу години.
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет