Кошарка: „Соколите“со прва победа „полетаа“ од Штип

Полната спортска сала „Jордан Мијалков“ доволно зборува за жедта на штипјани кон некогашната „лулка“ на спортот – кошарката која во Штип ја донесе Трајко Кошевалиски во далечната 1933 година. Кошаркарските ветерани се одважија враќајќи ја традицијата на вистинскиот колосек формирајќи го тимот „Соколи 1933“

Почетокот на средбата беше фуриозен, понесени од верните симпатизери, штипските кошаркари предводени од тренерот Александар Давитков едноставно ги прегазија гостите од Македонска Каменица. Првата четвртина заврши со резултат 27 : 14. Во втората четвртина играчите на Баскет Кам се стабилизираа, беа мошне ефикасни едноставно се им одеше од рака и ја добија со резултат 25:15 или полувремето Соколи 1933 – Баскет Кам заврши со резултат 42:39. Паузата влијаеше позитивно за гостинските кошаркари кои за прв пат на овој меч дојдоа во водство од 43:42, се играше кош за кош менувајќи го водството час едниот , час другиот тим. Сепак третата четвртина заврши со резултат 20:18 или 62:57. Последната четвртина беше приказна за себе, променливо, возбудливо, неизвесно се до моментот кога домашните кошаркари набрзина постигнаа вредни поени со што разликата дојде до 14 коша предност за „соколите“. Следуваше мал пад на домакините и се „стопи“ предноста до разлика од 7 кошеви, за да самиот финиш донесе неколку клучни домашни тројки. Конечниот резултат гласеше Соколи 1933 – Баскет Кам 87:74 победа која донесе огромна радост за првата второлигашка победа а играчите беа бурно, френетично поздравени од многубројната публика.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk