Кочани со нов пораз останува „закован“ на последното место, Љуботен го доби дербито на колото за плус четири на врвот

ФОТО: Александар Ванев

Екипата на Кочани продолжува да нижи порази во Првата женска фудбалска лига, откако „фенерџијата“ беше поразен од Истатов со резултат од 2:0 во гости во рамките на 11. коло.

Истатов стигна до својата четврта сезонска победа, откако по вторпат сезонава беше подобар од Кочани, тим кој е последен со еден бод и го очекува само реална битка за бараж за опстанок, иако веќе претрпе пораз од Речица во таа борба.

Љуботен го доби дербито со шампионот Скопје и останува непоразен лидер во шампионатот со плус четири во однос на Скопје кој е втор, откако тимот од Тетово со 3:2 беше подобар. Мечот го одбележеаа дури три пенали.

На полувреме Љуботен имаше гол предност, во вториот дел постигна уште еден гол за двојна предност, а потоа Рабија Дервиши со два гола од пенал израмни на 2:2.

Во судиското надополнување судијата Јован Качевски покажа пенал за Љуботен, а Улза Максути беше прецизна за 3:2 и голема радост за Љуботен.

Со овие два натпревари се комплетираше колото, а со тоа е познат и изглед на табелата.

Љуботен е прв со 29 бодови, втор е Скопје со 25 бодови, а пак Тиверија Брера е трета со 22 бодови. На четвртото место е Пелистер со 20 бодови, Каменица Саса е на петтото место со 19 бодови.

На шестата позиција е Ас Јунајтед кој има 14 бодови, Вардар е седми со бод помалку, а Истатов е осми со 12 бодови. Во бараж зоната е Речица со четири бодови, а на дното е Кочани со еден бод, позиција која директно води кон испаѓање во Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет