
По пет одиграни кола во Втората женска фудбалска лига екипата на Кочани е на врвот од табелата со максимални 15 бодови на своето конто. Поранешниот шампион на Македонија има пет победи од исто толку натпревар, а има два бода повеќе во однос на Вардар кој е втор со 13 бодови.
Двете екипи ќе ја водат трката за првото место кое директно води кон Првата лига, а исто така водат борба и за тоа кој да го има најдобриот напад и најдобрата одбрана. По пет натпревари Кочани има постигнато 42 погодоци, а пак Вардар има постигнато 43 погодоци, додека пак двете екипи имаат примено по три погодоци.
Во трката за местата кои водат кон фудбалската елита ќе се вмеша и поранешниот прволигаш од Охрид, екипата на Билјанини Извори која се наоѓа на третото место со 12 бодови. Веќе се прави и пресек на табелата со тоа што овие три екипи практично ќе ја водат борбата за првото место кое директно води кон Прва лига и второто место кое води кон баражот за можен влез во Првата лига.
На четвртото место на табелата е Плачковица од Радовиш која има седум бодови, потоа следува Победа Валандово 16 со пет бодови.
На шесттото место на табелата е Порече од Македонски Брод со четири бодови, а пак дебитантот Слободен е претпоследен со еден бод на своето конто. Без бодови со катастрофална статистика на дното е Борец од Велес.
Главен фаворит за првото место и за директен влез е Кочани, поранешниот освојувач на Купот на Македонија во женска конкуренција го има најзвучниот тим составен од искусни фудбалери и репрезентативки, па повеќе од јасно е зошто е и главен фаворит.
Александар Ванев, М-Нет