
Во рамките на активностите на NECI NMK – односно, Мрежа за европски граѓани и идентитет на Северна Македонија, по повод првата година од постоењето како претставништво на централната организација од Кипар, вечерва со почеток од 19 часот, во Дом на млади ќе се одржи дружење на младите од Штип, на кое ќе се презентираат успешни и мотивирачки животни приказни.
Пред присутните ќе се претстават Викторија Кукушев, која е и претседател на НЕЦИ во Македонија, а која ќе ја пренесе приказната за формирањето и работењето на организацијата во текот на изминатата година. Потоа Елена Рибарска, бруцош на Факултетот за медицински науки и член на НЕЦИ, која ќе го сподели искуството од тоа што има постигнато преку организацијата на личен и професионален план.
Меѓутоа, она што ќе ги воодушеви оние кои ќе бидат вечер во Дом на млади е почесниот гостин, автор на повеќе мотивациски книги кои се инспирација за многумина – Коста Петров.

НЕЦИ е формирана со цел да се создаде моќна група – тим на граѓани на Европа од различно културно потекло, едукативно и финансиско ниво, истакнува Кукушев. Претежно работи со млади, но и возрасните се дел од таргет групата, за на тој начин да се намали дискриминацијата и маргинализацијата.
Во прилог на тоа, синоќа во Уметничката галерија „Безистен“, од претседателката Викторија Кукушев дознаваме дека од страна на НЕЦИ била организирана средба со средношколци, професори и директори на средни училишта, на која се разговарало за “комбинираната настава”, и за тоа како онлајн наставата се одразила кај средношколците.

Синоќешниот настан е дел од проектот „Младите и европските вредности“, истакнува Кукушев, спроведуван од Коалицијата на младински организации СЕГА, и финансиски поддржан од Генералниот Секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, преку Програмата за финансиска поддршка на здруженија и фондации.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Монтажа ИГОР ЗИВРЕВ