Ребалансот на Буџетот уште еднаш покажа дека културата не е приоритет за оваа власт. Наместо инвестиции во културното наследство, македонскиот јазик и капиталните културни проекти, се крати токму таму каде што државата има обврска да заштитува и да вложува, обвини пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска на седницата на Комисијата за буџет. Таа посочи дека зад бројките во ребалансот се крие јасна политика на запоставување на културата, но и сериозен проблем со транспарентноста во трошењето на јавните средства.
„Овој ребаланс покажува дека она што не му било приоритет на министерот повторно останува загрозено. Културното наследство, македонскиот јазик и важните културни проекти повторно се оставени без вистинска поддршка“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Пратеничката Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека владејачкото мнозинство го одби предлогот на СДСМ за формирање фонд за културно наследство финансиран од средствата од игрите на среќа.
„Културното наследство и неговата заштита се оставени без вистинска грижа. И со овој ребаланс повторно не се обезбедуваат средства за она што треба да биде наша трајна обврска“, рече Костадиновска-Стојчевска
Во однос на Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, Костадиновска-Стојчевска, посочи дека наместо кадровско зајакнување и функционален инспекторат, средствата не се насочуваат кон неговото реално работење.
„Наместо нови вработувања, експерти и инспектори кои ќе овозможат инспекторатот да функционира, слушнавме дека средствата ќе се трошат за канцелариска опрема. Македонскиот јазик заслужува институција која функционира, а не институција без капацитет“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека Министерството за култура и туризам работи нетранспарентно, посочувајќи дека веќе две години не се објавуваат резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес.
„Две години по ред Министерството не ја исполнува својата обврска да ги објави резултатите од конкурсите. Јавноста не знае кој добил средства, колку средства добил, за кои проекти и според кои критериуми. Тоа е основата на отчетноста и транспарентноста во трошењето на парите на граѓаните“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Ова како што кажа создава сомнеж и ја враќа државата во период кога граѓаните немаа увид како се распределуваат средствата за култура.
„Не е во ред повторно да се вратиме во време кога ништо не се објавуваше и кога јавноста не можеше да види кој ги троши парите и кои проекти се финансираат. Кога станува збор за пари на граѓаните, отчетноста не е избор, туку обврска. Културата, јазикот и културното наследство не смеат да бидат последна ставка во буџетот. Потребна е политика која ќе ги штити и развива, а не политика која ќе ги запоставува“, порача пратеничката од СДСМ, Костадиновска Стојчевска.
Со ребаланост се намалуват парите и за реконструкцијата на Музејот на Република Северна Македонија, иако таму се чуваат исклучително значајни артефакти и вратени украдени икони, а потсети и на намалувањето и неизвесноста околу финансирањето на филмските проекти.
„Од предвидените средства за реконструкција на Музејот на Република Северна Македонија повторно има кратење. Тоа значи дека се одложува можноста јавноста да ги види вредните артефакти и иконите кои се вратени во државата. Исто така и кратењето на средствата во Агенцијата за филм директно ги загрозува проектите кои се повеќегодишни и кои веќе имаат преземени обврски. Културата не смее да биде поле каде што прво се ветува, а потоа се кратат средства“, посочи Костадиновска-Стојчевска.
Текстот Костадиновска-Стојчевска: Со ребалансот власта крати од инвестициите во културата е превземен од МАКФАКС.