
Дискотеката „Пулс“ немала законска документација за работа и одржување концерт. Концертот требало да биде спречен пред да започне, а опасностите навреме отстранети, посочуваат родителите на загинатите од Кочани. Тие јавно прашуваат како ќе се докаже дека обвинетите не се одговорни за непреземањето навремени мерки, кога последиците се 63 загинати и 218 повредени. Родителите нагласуваат дека не бараат никој да биде прогласен за виновен без судење, туку бараат одбраната да не ја замајува јавноста со небитни прашања и да не ја одолговлекува постапката, туку судењето да се одвива ефикасно и да води кон утврдување на одговорноста.
„Ние, родителите на загинатите деца, прашуваме: Како ќе докажете дека вашите клиенти не се одговорни за непреземањето навремени мерки, кога последиците се 63 загинати и 218 повредени. Не бараме вина без судење, туку вистината и одговорноста да се утврдат врз основа на доказите. Бараме одбраната да не ја замајува јавноста со небитни прашања и да не ја одолговлекува постапката, туку судењето да се одвива ефикасно и да води кон утврдување на одговорноста.“, велат родителите
Родителите бараат судењето да не се одолговлекува, туку што побрзо да се дојде до вистината и да се утврди кој е одговорен за трагедијата. Велат дека никој не смее да биде поштеден од одговорност, без разлика на функцијата што ја има. За нив, најважно е правдата да биде задоволена за 63-те загинати и нивните семејства.
Иван Митев, М-Нет