
Поставени контејнери го попречуваат одвивањето на сообраќајот. Имено, до нашата редакција пристигна реакција од граѓани за контејнер поставен на крстосницата под основното училиште „Гоце Делчев“, а кој го попречува одвивањето на сообраќајот. За таков проблем се алармираше и на друга локација. За безбедно одвивање на сообраќајот пречи и контејнер поставен на ул. „Генерал Михајло Апостолски“ каде се вкрстува со ул. „Љубен Иванов“. Дали ЈП „Исар“ кое ги поставува контејнерите може да реагира овде го прашавме првиот човек на претпријатието, в.д. директорот Трајче Здравков.
„Доколку некој од поставените контејнери пречи на одвивањето на сообраќајот потребно е да се испрати реакција до нас. Ние добиваме дозвола од Општината за поставување на контејнерите. Меѓутоа, ако пречи во сообраќајот можеме да реагираме по доставено барање. Барањето нека го достават до ЈП „Исар“, а ние ќе го проследиме до Општината.“ – истакна директорот Здравков.
На овие две локации за ваквиот проблем се алармира веќе подолго време. Едниот контејнер зафаќа дел од коловозот, а другиот пречи на видикот. Ако со возилото излегувате од ул. „Љубен Иванов“, нема да може да ги видите возилата кои доаѓаат од ул. „Генерал Михајло Апостолски“. Сепак, како што истакна и директорот Здравков, решение на проблемот може да има по доставено барање.
Ребека Спасова М-Нет