
Стопанската комора предлага промена на системот на празници во Македонија, според која секој вработен би имал најмногу 13 неработни празнични денови годишно.
Предлогот е 11-те празници кои важат за сите граѓани да останат неработни, а секој работник да може да избере уште два дополнителни дена од верските и етничките празници. На тој начин, бројот на неработни денови би бил ист за сите, без разлика на верската или етничката припадност.
Комората предлага и да се укине префрлањето на празниците од недела во понеделник. Тоа значи дека доколку празник се падне во недела, понеделникот би бил редовен работен ден. Како пример се наведува 24 Мај, кој во 2026 година се паѓа во недела, па според сегашните правила неработен е и 25 мај.
Од Комората велат дека со измените би се намалиле организациските проблеми и трошоците за компаниите, како и бројот на продолжени викенди. Според нив, во повеќето европски земји бројот на неработни празници се движи меѓу 11 и 14 годишно.
Предлогот веднаш предизвика реакција од ССМ, од каде што порачаа дека работодавачите сакаат да ги кратат празниците, но не и да ги зголемат платите.
Сепак, ова сè уште е само предлог на Стопанската комора. Измените треба да бидат доставени до Министерството за економија и труд, а за да стапат во сила потребни се измени на Законот за празниците.
Ева Тушевска, М-Нет