
Пожарот кој пред некој ден избувна во урбаниот дел на Струмица, во комплексот „Глобал“, како и начинот на кој истиот беше изгаснат, отвори и остави куп прашања неодговорени. Преплавените социјални мрежи зборуваа и известуваа дека хидрантите во овој трговски центар во Струмица не биле во функција, што преставува проблем плус во гаснењето на пожарот. Противпожарните единици кои излегле во пресрет за помош, на местото на несреќата пристигнале целосно подготвени. Ова е примерот за Струмица, но пожар може од најразлични причини да избувне секаде во секое време. Одовде се поставува и прашањето колку останатите градови, еве конкретно колку Општина Штип е подготвена да се справи, доколку не дај боже дојде до пожар. Каква е поставеноста и исправноста на хидрантите во градот под Исарот побаравме одговор од ЈП„Исар“.
„Хидрантите се поставуваат при секоја ново изградена зграда или нова фирма каде што се бараат дозволи од нас и ние даваме дозвола за поставување на тие хидранти. Колку ги има во Општина Штип, не го знам точниот број. Хидрантите се поставуваат доколку настане пожар да се заштитат зградите“ – истакна Тасев, директор на ЈП „Исар“.
Исто така,тој посочи дека има поставеност и на подземни хидранти, кои цело време се наполнети со вода, но истите се користат за потребите на ЈП „Исар“.
За исправноста на хидрантите нивната поставеност, од огромно значење е и соработката на претпријатието со Територијалната противпожарна единица Штип, како и Агенцијата за заштита и спасување. Како што дознавме ЈП „Исар“ и Противпожарната единица Штип, имаат добра соработка, што нуди барем мала надеж дека во незгодна ситуација ќе се реагира на време. Најдоброто што може да го посакаме е да не дојде во ситуација на случајот од Струмица.
Лаура Стојанова М-Нет