Кои се симптомите, како да се препознаат – трибина за подигање на свеста за ракот на дојката

Трибина посветена на кревање на свесноста за превенција и борба со ракот на дојка, се одржа вчеравечер во салата на Советот на Општина Штип. Настанот е по повод розовиот месец октомври, посветен токму на борбата со оваа болест, а присутните можеа да слушнат совети за тоа колку е потребно да се прават редовни прегледи за рано откривање рак на дојка, односно ехо и мамографски прегледи. Целта е жените здравствено да се едуцираат и да се поттикнат кон грижа за сопственото здравје.

„Трибината е во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа е од отворен тип и е наменета за сите занинтересирани граѓани. На трибината свое едукативно обраќање има специјалист д-р Габриела Димова, којашто целото свое знаење и експертиза ги става на располагање на присутните за да ги разрешиме дилемите, да ги одговориме неодговорените прашања и слично. Јас се надевам дека оваа трибина барем малку ќе придонесе за кревање на свеста кај жените и барем еден дел ќе придонесе за утре да се погрижат за своето здравје“, вели Серафимовска.

Специјалистот д-р Габриела Димова одржа предавање на кое ги напомена првите симптоми за откривање на ракот на дојка, ризик факторите и слично.

„Приметувате дека најголем дел од ризик факторите се токму кај хормоналниот дисбаланс во организмот или употребата на хормони. Карциномот на дојка е најчесто хормонски зависен, па по оперативно отстранување, ние докажуваме и каков имуно-хистохемиски тип е карциномот т.е. колку е зависен од хормони“, истакна спец. Д-р Габриела Димова.

Инаку, според податоците на Институтот за јавно здравје, ракот на дојка е најчеста причина за смрт кај жените. Бројот од година во година расте, а во 2022 починале 356 жени со стапка на морталитет од 38,5 на 100.000 жени.

Ребека Спасова М-Нет